Лицето кое вчера со секира искрши инвентар во охридскиот Центар за социјални работи не е корисник на социјална парична помош од 2011 кога самоволно не извршил обнова на документација за продолжување на правото, објаснуваат од центарот, додавајќи дека станува збор за 47 годишно  лице.

– Лицето не конкурира на конкурсот за добивање на социјални станови, иако во повеќе наврати беше советувано да изврши прибирање на соодветна документација и да конкурира. Остваруваше права од социјална заштита во форма на социјална парична помош и еднократна парична помош. Центарот интервенираше и со еднократна парична помош за реновирање на опожарениот објект во кој живееше, информираат од Центарот за социјални работи.

Оттаму додаваат дека охриѓанецот, преку центарот бил и вработен во фирма, од каде самоволно си отишол.Му била дадена можност да користи право на оброк во народна кујна, но и тоа го одбил.

Објаснуваат дека пред да дојде до неговото агресивно однесување, лицето повеќе од две години на своја волја немало остварено комуникација со центарот, ниту пак имало поднесено било какво барање за користење право од социјална заштита.

Од центарот потенцираат дека никој од вработените во центарот не предизвикал  повод за неговото агресивно однесување.

OhridNews