Македонската кошаркарска репрезентација вечерва и гостува на Унгарија во можеби клучниот натпревар од квалификациите за ЕП 2011 година во Литванија.


Противникот на “црвено – жолтата“ чета во првиот натпревар беше “сомелен“ со неверојатни  78:44.  Селекторот Докузовски во свој стил, повикува на претпазливост и се обидува да ја намали еуфоријата во пресрет на мечот во Солнок.

– Во Солнок го играме најзначајниот натпревар во досегашниот тек на првенството. Се лажат оние кои мислат дека после убедливите плус 34 разлика во Скопје и на гости ќе имаме лесна задача. Мораме да одиграме максимално коректно во одбраната, да го принудиме противникот брзо да ги завршува акциите и да греши, отворајќи простор со брзи противнапади да стигнеме до посакуваната цел. Јас на играчите гласно и јасно им кажав дека треба да заборават на сето она што се случило во Скопје и оти ситуацијата е сосема поинаква, ќе мораат да бидат максимално будни, да не дозволат осцилации во играта, бидејќи секое наше невимание може да биде казнувано– вели селекторот на Македонија Марин Докузовски, кој во Унгарија ги одведе истите оние играчи кои настапија и против Украина.

Покрај натпреварот Унгарија – Македонија денеска уште ќе играат Украина и БиХ, а тимот на В.Британија во ова коло е слободен. По одиграните шест кола на табелата води В. Британија со скор 5-0, додека Македонија е втора со биланс 4-1.

М.П.