Охридскиот ракометен клуб го задржа перфектниот скор во македонската ракометна елита, победувајќи го Голден Арт КЛ7 со 27-24 (15-14), во осмата рунда од Супер лигата.

„Гладијаторите“ не одиграа брилијатно, затоа што имаа подеми и падови во текот на натпреварот, но сепак, целта ја остварија со новиот триумф. За охриѓани ова беше седма победа во исто толку мечеви.

Охрид, добро отвори и поведе со 3-1. Составот на Голден Арт КЛ7 не се обесхрабри и успеа да израмни на 4-4. Охриѓани констатно водеа, но Голден Арт КЛ7 држеше чекор. Околу средината на првиот дел, „гладијаторите“ обезбедија предност од три голови (9-6). Предноста стигна и 15-10, но наместо да се финишира противникот, Охрид во завршните минути од првиот дел се опушти и гостите со 4-0, стигнаа до минус еден (15-14).

На стартот од второто полувреме двете екипи продолжија во ист ритам. Охрид повремено водеше со три голови, но гостите стигнуваа да намалат. Во 44-та минута, „гладијаторите“ уфрлија брзина погоре и веднаш се одлепија на 24-18. До крајот, ракометарите на Голден Арт КЛ7 преполовија дел од негатива и го ублажија поразот, 27-24.

Најефикасен во составот на Охрид со шест голови беше Мартин Манасков, еден помалку реализираше Бобан Блажески, а по три пати прецизни беа Иван Тасески и Филип Кривокапиќ. Кај гостите најпрецизни со три погодоци беа Андре Буторац, Александар Стојков, Мартин Димовски. Најдобар кај гостите беше голманот Андреј Петковски кој имаше 15 успешни одбрани.

Во деветтата рунда Охрид е слободен, а потоа, силите ќе ги одмери со Радовиш на гости.

OhridNews
Фото: Мега Продукција