Охридскиот ракометен клуб, на драматичен начин, со погодокот на Денис Тот на седум секунди од крајот на мечот го совлада Металург 27-26 (15-12) и ја забележа првата победа на домашен терен, во плејофот од Супер лигата.

Погодокот на Тот за победа беше награда за „гладијаторите“, кои и покрај негативата од три голови околу 48-та минута не се откажаа и се бореа за триумфот. Сепак, мора и треба да послужи и за опомена, затоа што два пати во текот на мечот Охрид имаше предност од четири голови, а на крајот се доведе во ситуација гол на крајот да победува.

Првиот дел комплетно помина во знакот на домашните ракометари. Металург единствено предност имаше на почетокот кога отвори со 1-0. Охрид со серија од 3-0, поведе со 3-1 и го презеде кормилото на натпреварот. „Гладијаторите“ поведоа со 6-3, но Металург не се откажуваше и наоѓаше сили да се врати. Првата предност за охриѓани од четири голови беше 9-5. Металург со серија од 3-0, стигна на 9-8. Охриѓани повторно се одлепија на плус три 11-8, а таа разлика остана до истекот на 30-та минута.

Избраниците на Раде Стојановиќ не го отворија вториот дел најдобро. Нападот „заспа“, а Металург после пет минути игра комплетно ја анулираше негативата. „Гладијаторите“ заиграа подобро, но Металург имаше веќе фатено залет и успеа да поведе со 19-20. Предноста им даде ветар во грб на гостите, кои со добра игра во двата правци дојде и до плус три 24-21. Охриѓани и покрај негативата не ја изгубија главата, со две мини серии дојдоа до егал 25-25.

Во завршните минути двете екипи постигнаа по еден погодок и со идентичен резултат 26-26 влегоа во последната минута. Металург не реализираше, а на спротивната страна долгиот напад на Охрид заврши со погодок на Тот, за триумф и втората победа во плејофот.

Хрватот Тот мечот го заврши со шест голови, а по пет пати прецизни беа крилата Крсте Андоновски и Бобан Блажески. Голманот Никола Даниловски собра 9 интервенции. Кај Металург најпрецизен заврши Стефан Додиќ со шест голови, а чуварот на мрежата Даниел Ѓорѓески финишираше со 8 одбрани.

Охрид со новите три бодови ќе го прескокне Металург на табелата и со добар елан ќе ги пречека гостувањата кај вториот тим на Еурофарм Пелистер и Струга.

Мх.П.