Охридските ракометари прокнижија нови бодови на табелата совладувајќи го составот на Работнички со 37-27 (20-13) во СРЦ „Кале“ во рамките од 11-та рунда во Супер лигата.

„Гладијаторите“ со триумфот во Скопје стигнаа до десет натпревари без пораз во македонската ракометна елита и речиси сигурно обезбедија билет за учество во плејофот.

Избраниците на Раде Стојановиќ без калкулации го одиграа натпреварот и уште од почетокот наметнаа темпо кое домаќините тешко го издржуваа. Охрид, најпрво се одлепи на три разлика 6-3 а потоа на пет голови. До крајот на полувремето, охриѓани стекнаа предност од седум погодоци.

На стартот од второто полувреме, ракометарите на Охрид се одлепија на плус десет. Но Работнички смогна сили и со две мини серии намали на четири голови. „Гладијаторите“ го зголемија темпото на игра и за многу кратко време ја вратија предноста. Ротацијата на теренот на Охрид му донесе свежина и убедлива победа 37-27.

Охрид го запоседна врвот на табелата во Супер лигата и најмалку таму ќе остане до среда кога Металург го игра заостанатиот меч од 11-та рунда. Противник на „металурзите“ ќе им биде младиот состав на Вардар.

Екипата на Охрид следниот викенд на домашен терен го пречекува битолски Пелистер.

OhridNews