Пожарот што вчера избувнал на врвот на планината Јабланица, на околу 2000 метри надморска височина, на самата граница помеѓу Македонија и Република Албанија, е ставен под контрола.
Огнот кој на македонска територија зафати околу десет хектари сува трева, денес се проширил на албанска територија каде постои опасност да зафати и дабова шума.
Како што информира командирот на Територијалната противпожарна единица во Струга, Урим Каба, постојано се во контакт со надлежните во Албанија кои се обидуваат да го изгаснат пожарот.
– Пожарот од македонска страна успеавме да го локализираме, но сега тој поради ветрот кој дува се прошири на територијата на Република Албанија. За среќа не зафати некое од бачилата кои се сместени во овој планински предел кој изобилува со пасишта, вели Каба.
Огнот бил локализиран со потешкотии, поради непристапноста на теренот. Во гаснењето учествале вработени во територијалната против- пожарна единица од Струга и јавното шумско претпријатие.












