Нема жртви во големиот пожар што попладнево ја зафати главната зграда на Македонски пошти. Противпожарните екипи по речиси двочасовна интервенција го локализирале
пожарот, но како што јавува репортерот на Макфакс, од зградата на Македонски пошти и натаму од објектот се издигаат столбови чад.


Директорот Рафиз Алити, кој бил во просториите на поштата кога избувнал оган, се сомнева дека причина за пожарот е старата инсталација

„Додека бев во мојот кабинет дојдоа вработените и ме известија дека избувнал пожар на третиот кат. Заедно со соработниците почнавме да гаснеме тоа што можевме и им реков на луѓето да излезат надвор. Покритична беше состојбата на една жена. Поточно немавме пристап до неа, таа беше извлечена со противпожарни скалила од третиот кат. Човечки жртви нема“, рече директорот Алити во изјавата за новинарите.

Алити пред зградата беше во придружба на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.

„Засега не можеме да кажеме што е причината за пожарот. Најверојатно пожарот избувналво ткн сервер салата, но потенцирам најверојатно. Истрагата тоа треба да го покаже. Ние претпоставуваме засега дека причината за огнот е од старата инсталација. Велам, претпоставуваме затоа што засега не можеме со сигурност да кажеме од што избувнал пожарот“, додаде Алити.

Претходно според неофицијални информации од очевидци беше кажано дека попладнево се слушнала експлозија, и тоа најверојатно станува збор за експлозија на плинска боца, меѓутоа подоцна оваа информација беше демантирана од директорот Алити.

OhridNews
извор:„Макфакс“