Дел од легалните приватни станоиздавачи со критики до локалната самоуправа за преземените мерки во текот на изминатата сезона кои беа во насока на воведување ред во издавањето на сместувачките капацитети. Велат- нема ништо лошо во тоа своите гости да ги наоѓаат на автобуската станица или на улица .
– Годинава имавме големи проблеми со Секторот за туризам и локален економски развој и локалната самоуправа поради акциите кои ги спроведуваа , тоа не е добро. Јас уште пред четири години предлагав на легалните станоиздавачи да им се дадат беџеви, на кои ќе биде означено дека легално издаваме станови, со тоа ќе ја претставуваме и локалната самоуправа пред гостите, вели приватниот станоиздавач Перо Петрески.
Од пазарната инспекција се категорични- издавањето на капацитетите мора да се врши преку туристичка агенција.
– Согласно Законот за угостителска дејности и законот за туристичка дејност, секое издавање на капацитетите мора да оди преку туристичка агенција, што значи дека станоиздавачите не треба формално да склучат договор со туристичка агенција, па потоа да застанат било каде низ градот и сами да наоѓаат гости, што претставува грда слика низ улиците, изјави раководителот на Пазарниот инспекторат, Ѓорѓи Бошалески кој информира дека при извршените контроли во текот на сезоната на станоиздавачи кои не ги почитувале законските прописи им биле изречени глоби во висина од 400 евра.
Станоиздавачите се жалат дека основната причина што голем број од нив сами ги бараат гостите е тоа што не постои добра соработка со туристичките агенции кои според нив, праќаат гости на одредени станоиздавачи.
– Точно е дека само мал дел од станоиздавачите соработуваат со туристичките агенции. Се надевам дека идната сезона нивниот број ќе биде многу поголем. Кај кого од пријавените станоиздавачи ќе пратиме гости, зависи од категоризацијата на сместувачките капацитети, желбите на гостите во однос на локацијата и цената на сместувањето, вели Горан Филипоски, сопственик на ТА „Компас“.
Со цел решавање на проблемите помеѓу приватните станоиздавачи и туристичките агенции, попладнево се одржа заедничка среба на која присуствуваа и градоначалникот Никола Бакрачески, раководителот на ТЛЕР, Ѓоко Апостолов и претставници на надлежните инспекторати. Како што потенцира Бакрачески, намерата е сите чинители да седнат на иста маса и да се изнајде прифатливо решение за сите страни вклучени при издавањето на сместувачките капацитети.
Т.Кувенџиска