Локалната самоуправа ќе помогне при санирање на штетата и обновувањето на куќите на охридските семејствaта Шемо и Тоскоски, кои викендов беа зафатени од пожар. Ова го најави градоначалникот Александар Петрески, кој денеска ги посети двете семејства.

Како што информира Петрески, на семејството Шемо во наредните 10 денови ќе им биде обезбедна храна и потребните услови од страна на локалната самоуправа.

За жал, овој викенд се случија уште два пожари. Едниот на улица „Бистрица“, а другиот на „Марко Цепенков“. Комисијата при општината, излезе на лице место и утврди колкава е штетата. Во секој случај, на двете фамилии ќе им излеземе во пресрет, односно ќе им помогнеме.“ – изјави Петрески.

Тој упати апел до граѓаните, да внимаваат при користењето на шпорети на дрва, на оџаците и на електричната инсталација во домовите.

Упатувам апел до сите граѓани, да внимаваат на овие работи, од кои најчесто се предизвикани пожарите. За среќа, човечки жртви нема. Се надевам дека овој ќе биде последен случај, а во иднина нема да имаме веќе вакви настани.“ – додаде Петрески.

Како што информира Димче Тоскоски чија куќа вчере беше опожарена , пожар избил околу 14 часот, а причината била запален ЛЦД телевизор, по што дошло до опожарување  на покуќнината во собата во која се наоѓал телевизорот.

Целата оваа штета е предизвикана од телевизорот. Во дневната соба и кујната, буквално изгоре се. Почнувајќи од машината за садови, радијаторите, фрижидерите, шпоретот, паркетот па се до прозорците и вратите. За среќа повредени нема.“ – вели Тоскоски.

Благодарение на брзата интервенција на осум пожарникари со две возила, пожарот бил целосно изгаснат.

Пожарникарите стигнаа на време. Луѓето професионално си ја завршија работата. Спасија се што можеа да спасат. Штетата е околу 10 000 евра.  Расчистувавме цела ноќ, а од тука изнесовме 3 камиони со шут. Ова е траума за целото семејство.“ – истакна Тоскоски.

Исто така, пред два дена околу 20 часот во семејна куќа на улицата „Бистрица“, избил пожар кој зафатил поголем дел од објектот.

По пријавувањето на пожарот, за кратко време на местото пристигнале 16 пожарникари и сите возила со кои располага охридската Противпожарна единица, кои успеале пожарот да го локализираат и изгаснат околу 23 часот.

Предизвикана е голема материјална штета, а за среќа повредени нема.

O.T.