Голем број охридски компании, хотели, ресторани се вклучија во хуманитарната акција за помош на настраданите во поплавените подрачја во Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска.
Пунктот кој денес беше отворен пред општинската зграда, во организација на Општина Охрид, Црвен крст и претставници на бизнис заедницата и Јавните претпријатија, попладнево беше преполн со донирана храна, вода и средства за одржување хигиена.
– Да изразам јавна благодарност до сите граѓани за дадената помош од почетокот на акцијата при што се собра значителна количина. Компанијата „Андрос“ веќе донира еден камион средства за хигиена, „ ЕНТЕР“ тон и половина флаширана вода, донации стигнаа и од златарата „Горан“, хотелите Метропол, Гранит, Белведере,Климетица,Гарден, рестораните „Далга“, „ Тино“.Благодарност и до сите оние кои не ги споменав. Граѓаните и компаниите покажаа висок степен на хуманост и солидарност и масовно се одзваа на акцијата. Упатувам апел да се донира и во идниот период на двата пунктови од Црвен крст, во маркетите и на телефонските броеви. Граѓаните од Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска не се сами и секогаш во Македонија ќе имаат свои пријатели да им помогнат кога помошта им е неопходна, рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Претседателот на општинскиот Црвен крст, Сашо Точков потенцира дека и понатаму најнеопходна е помош од конзервирана храна, вода, храна за бебиња, средства за одржување хигиена, но засега не е потребна облека.
– Охрид деновиве живее со хуманоста, степенот на солидарност е огромен, не само во Охрид, туку секаде во Македонија. Една пратка од 80 тони од републичкиот Црвен крст во која и помошта од Охрид замина за Србја, вчера за БиХ, утре заминуваат пет шлепери за Србија меѓу кои и оваа помош. Во овој момент нема потреба од облека, доколку има ќе се огласиме преку средствата за информирање, рече Точков.
Точков уште еднаш апелира до граѓаните кои самоиницијативно се организираат, собраната помош да ја достават до Црвен крст преку кој единствено таа може да стигне до оние на кои им е потребна.
Пунктот пред општинската зграда ќе биде отворен секој ден од 9 до 16 часот.
Т.К.