Градоначалникот Никола Бакрачески вели дека не сака да навлегува во причините за откажувањето на здружението „ Богојавление“ од организција на манифестацијата Водици, но нагласува дека локалната самоуправа и годинава ќе се вклучи во подготовките со цел празникот да помине како што доликува.
– И изминатите две години локалната самоуправа ги поддржуваше сите активности на здружението „Богојавление“ и беше вклучена со сите свои ресурси и материјални и човечки во организација на Водици. Нема да навлегувам во причините за откажување на организацијата од страна на здружението ,веројатно имаат свои причини зошто се откажуваат.Само можам да искажам благодарност за сиот нивни допринос во изминатите години во организација и африрмација на празнувањето, вели градоначалникот Бакрачески.
Додава дека деновиве ќе стапат во контакт со претставници од Дебарско- кичевската епархија со цел навремено да се испланираат активностите за празникот.
– Има доволно време,а ние максимално ќе бидеме посветени за да има достојна организација на празникот и во однос на црковниот дел, но и во однос на промоција на празникот како туристичка вредност, вели Бакрачески.
Здружението „Богојавление“ кое во организацијата на одбележувањето на празникот Водици беше од 2003 година, пред неколку дена информира дека организацијата на манифестацијата за збогатување на верскиот празник Водици и е предадена на Македонската православна црква, за што била известена Дебарско – кичевската епархија. Оттаму, потенцираа дека претходно во повеќе наврати било кажано дека манифестацијата и организациски и финансиски ги надминува можностите на здруженито, бидејќи истата од локален, прераснала најпрвин во национален, а потоа и во интернационален настан.
OhridNews