Во последниот период приватните превозници, пред се АД “Галеб“ – Охрид, самоиницијативно и по сопствена волја ги променија возните редови кон приградските населби, меѓу кои Велгошти, Лескоец, Косел, Лакочереј, велат од локалната самоуправа од каде напоменуват дека Општина Охрид не стои зад ваквата самоиницијативна одлука на превозниците .

– Општина Охрид во најкус можен рок, на соодветен начин, ќе реагира и ќе го провери точното време на возниот ред на сите превозници на територијата на Охрид.Ниту сега, ниту во иднина нема да дозволиме  превозниците сами да ги менуваат возните редови. Ќе реагираме на секоја спротивна одлука и ќе се залагаме да се почитуваат правилата и прописите, велат од локалната самоуправа.

Од „Галеб“ АД-Охрид објаснуваат дека воопшто не се променети возните редови и дека времето на поаѓање и враќање останале исти, а дека е променета само насоката на движење.

– Тоа моравме да го направиме бидејќи сообраќајната полиција забрани полукружно движење по Булевар „Туристичка“ и со тоа оневозможи да се движиме по претходно утврдената траса. Измените кои ги направивме ги извршивме во интерес на мнозинството патници кои се задоволни со овие изнудени измени. Секако дека има и незадоволни, но нивниот број во споредба со патниците кои ја прифатија оваа измена е занемарлив, велат од АД „Галеб“- Охрид.

Оттаму потенцираат дека од нивна страна во ниту еден момент не било кажано дека општината е иницијатор или пак виновна за ваквите измени.

– Напротив, ние со општината посебно со службите кои ги изготвуваат сообраќајните решенија како и со сообраќајниот инспектор имаме коректен однос. Ни смета тоа што во соопштението на општина Охрид се сугерира дека „Галеб“ АД е тој кој не се придржува на правилата и прописите. Ако е така јавно би запрашале кој работи по правилата и прописите ако не Галеб АД !? Дали во нашата фирма или во некои други возат непријавени, неосигурани возачи? Дали кај нас или кај некои други возат пензионери, поранешни возачи во Галеб АД ? Дали кај нас или кај некои други не е спроведена фискализација на возилата и не се издаваат фискални сметки?, прашуваат од АД „Галеб“.

Од акционерското друштво додаваат и дека во интерес на патниците цените на билетите во градско-приградскиот сообраќај ги свеле на минимум.

OhridNews