Градоначалникот Никола Бакрачески, денес, оствари средба со претставници на Регионалната занаетчиска комора на која се разговараше околу проблемите кои ги засегаат занаетчиите во Охрид.

При тоа, беше договорено  на наредната седница на советот на општината, како точка на дневен ред да биде ставена предлог одлука за укинување на комуналната такса во висина од 500 денари, за занаетчиите кои се занимаваат со изработка на казани, лимарите, ковачите, изработувачите на свеќи, саатчиите и останатите видови занаети кои се се поретки.

– Од страна на локалната самоуправа ќе се изврши една анализа на проблемите на занаетчиите со цел да им помогнеме да ги пребродат проблемите, а при тоа намерата е да ги поддржиме занаетите во измумирање, како би се продолжила традицијата на овие простори. Со укинување на комуналната такса ќе придонесеме кон намалување на трошоците со кои се оптеретени занаетчиите извршувајќи ја дејноста, изјави градоначалникот Бакрачески по средбата.

Претседателот на Регионалната занаетчиска комора, Сашо Богоески изрази задоволство од соработката со локалната самоуправа.

– Се надевам дека заеднички ќе ги решиме проблемите и ќе придонесеме Охрид да биде уште поатрактивен за туристите, а занаетчиите се дел од традицијата на градот, рече Богоески.

На средбата беше договорено да се преземат заеднички активности на локалната самоуправа,односно ТЛЕР и занаетчиската комора за организирање на Саем на занаетчиство кој на крајот на туристичката сезона би се одржал во Охрид.

Т. Кувенџиска