Како што информира градоначалникот Никола Бакрачески, активностите ќе се одвиваат со забрзано темпо со цел инфраструктурата во градот да биде подготвена за непречено одвивање на сообраќајот пред почетокот на летната туристичка сезона.
– Нема да остане оштетување на улиците кое нема да биде санирано. Со активностите се опфатени буквално сите делови од градот и околината. Освен вработените од Секторот за комунален развој, ангажирани се и 40 вработени од општинската администрација кои вршат увид на терен и доставуваат фото документација за оштетувањата, рече градоначалникот Бакрачески.
Во координација со Агенцијата за патишта, ќе бидат обезбедени средства и за асфалтирање на поголем број градски улици.
Меѓу првите улици кои ќе се асфалтираат уште во текот на наредната недела се улиците: „ Радојца Новичиќ“, крак од „Васил Стефоски“, „ Крум Точков“, „ Богомилска“ и „ Петрино“.
– Во постојана комуникација сме со Агенцијата за патишта и се надевам дека ќе наидеме на разбирање за да се доделат средства за асфалтирање на поголем број патишта во општината, пред се на оние најфреквентните меѓу кои и булеварот „Туристичка“ и патот кон Пештани, информира градоначалникот.
Санацијата на патиштата во првата фаза ќе опфати околу 560 метри квадратни.