Најголемиот број концесионери во изминатиот период ги почитувале одредбите содржани во договорите  за концесија на охридските плажи, информира градоначалниот Никола Бакрачески. Она што преостанува да се направи, пред официјалниот почеток на туристичката сезона, е зголемување на безбедноста на плажите .


Како локална самоуправа будно ќе ја следиме состојбата на крајбрежјето, а од концесионерите бараме да посветат особено внимание на безбедноста на посетителите и капачите, пред се во врска со лимитирањето на движењето  на пловните објекти. Концесионерите имаат обврска и да ја зголемат безбедноста на електричните инсталации околу платформите, каде  што поскоро треба да се изврши  спроведување на нисконапонска  електрична енергија ,  не појака  од 12 волти.  Сите концесионери треба да потпишат и договор  со ЈП Охридски комуналец за подигање на отпадот, изјави градоначалникот Бакрачески.

Од концесионерите на плажите се бара и во најкарток временски период да ги санираат  платформите кои се во голема мера оштетени поради високиот водостој и брановите.

Оштетените платформи се сериозен извор на опасност, во овој период особено за децата. Не смееме поради немарност да дозволиме некое дете да биде повредено. Секоја плажа треба и соодветно да е обележана и да се ангажираат спасувачки служби, вели раководителот на охридската Капетанија на пристаништа, Горан Устијаноски.


Со цел решавање на проблемите и навремено уредување на плажите на крајбрежјето, денес, по иницијатива на локалната самоуправа се одржа средба со концесионерите .Најголемиот број од нив бараат власта да преземе мерки за регулирање на високиот водостој, поради што голем дел од плажите се под вода.


Бараме ЕЛЕМ да го регулира водостојот, да се отвори браната кај Црн Дрим и да има поголем испуст на вода. Поради надојдената вода немаме каде да поставиме лежалки, а не можеме гостите да ги пречекаме без плажи.  Задоволни сме што локалната самоуправа ја  организира оваа средба со цел да се разгледаат нивните, но и нашите барања како концесионери, вели Дејан Маслов, концесионер на Плажа Канео.

Од вкупно 17 плажи, засега договор за земање под концесија е потпишан за 14 од нив.

Заинтересираните лица за закуп на преостанатите плажи, сметаат дека треба да се изврши премер за делот од крајбрежјето на потегот од Метропол до Лагадин , каде треба да се плаќа пониска цена . 


За површината каде се поставува урбана опрема да се плаќа по метар квадратен, но не износ еднаков како за градските плажи кои работаат во текот на целата година, а на потегот од Лагадин до Метропол од 30 до 40 дена. Исто така 50% од  плажите се уништени, сега кој ќе плати за нивно санирање, вели Илија Џепароски, поранешен концесионер на плажата „Акапулко“. 


Од локалната самоуправа информираат дека наскоро ќе биде објавен оглас за издавање на уште четири плажи за што се чека согласност од министерството за транспорт и врски.

Т. Кувенџиска