Не можам повеќе да слушам зборови, ги примам ама не ме допираат. Сите тие ветувања се репризи, како стара грамофонска плоча. Во едново уше ми влегуваат, од другото брзо излегуваат. Грлатите стално стојат напред на осветлената сцена за да ги гледаме. Мудрите стојат позади во публиката и само слушаат од сенка.

Како Македонец и Охриѓанец имам право да гласам на избори во родниот крај. Често сум во Охрид, но живеам пола век во странство. Претходно сум пишувал дека лично за мене не е соодветно и не е фер да гласам јас за животот на други, во држава каде што не живеам постојано. Затоа стално сум против странски гласови во било кој избори и во било која држава, да се користат во изборните сандачиња. Факт е ако живееш во друга земја, веќе не си физички дел од поранешната твоја држава. Иако мислам на неа речиси секој ден, на корените, на блиските, на топлината, на јаболкницата и сите природни убавини. Секој нека си прави како што сака и гласа на било кој континент.

За Македонија. Јас пишувам (моментално веќе 18 години за Охридњуз) за очигледни работи, за убавините, тајните и бисерите на Охрид. Ама и за проблемите во Охрид и државата, нерегуларностите, за нелогичностите, разните случувања, случки, неправди, глупости и срамни вистини, за животната средина, човечките права, за не-почитување на немоќните, проблемите на народот заради интересите на моќни, брутални сопственици со длабоки џепови и уште подлабоки врски. Јас живеам во друг свет, со друга визија, но секаде со Македонско-холандско, црвено – портокалово срце. Тоа е за мене најголемото богатство, таа мешавина, Македонец и светски патник. Мојата ‘сила’ се моите зборови, напишаното и кажаното во медиумскиот простор.

Кога разговарам со менаџери или политичари, имам чувство дека само тие секогаш се важни и себични. Но, кога разгорварам со вистински спремни лидери, во било кој сектор: чувствувам дека тие навистина ме слушаат и дека јас постојам, дека сум и јас важен. Понекогаш се потребни 99 лоши идеи за да се најде една добра. Најдобро е политичарите да се грижат за луѓето како за себе. Избори не одлучуваат кој е во право, ама се претерува во кампањите.

Инаку јас се кандидирав за градоначалник во 2009 со онлајн политичка партија: 100% за Охрид! Моето главно ветување тогаш беше: Ќе овозможам пливање со делфини во Охридското Езеро, како нова туристичка атракција. Може слободно да проверите: https://www.ohridnews.com/pisma-nova-turistichka-atraktsija-vo-ohrid-plivane-so-delfini/

После 16 години читам дека тогаш сум ветувал дека ќе отворам фабрика за сокови од лубеници во Охрид. И дека ќе ги пречекувам лично сите странски туристи на аеродром со поздрав, личност до личност, ден по ден. Се за 100% Охрид! Чудно тогаш уште не била многу актуелна темата за дивоградбите и претераната урбанизацијата со масовна изградба на згради секаде. Леле како било тогаш без таа тема пријатно, а во надворешниот простор се уште комотно, убаво, отворено. А како е денес….

Среќни избори и добро здравје на сите.

Влатко Амстердам

Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите