Претседателот на Собранието Трајко Вељановски, го потпиша решение за распишување на локалните избори за 24 март, на кои треба да се изберат нови градоначалници и нови членови на советите на општините.

Локалните избори ќе се одржат на 24 март, бидејќи вториот можен термин е на 31 март, кога е верскиот празник Велигден за граѓаните од католичка вероисповед.

– Ги повикувам сите учесници во изборниот процес, своето однесување и постапки да ги раководат и усогласат исклучиво со одредбите од уставот и законите на најдостоинствен начин кој ќе овозможи континуитет во добивање на најпозитивни оценки за спроведување на овој исклучително значаен процес. Секој нов изборен процес треба да значи одржување и надградба на добиената позитивна оценка на претходниот. Да направиме максимални заложби Македонија да добие уште еди фер и демократски избори, заради остварување на стратешките евроатлантски определби“, рече Вељановски.

Тој додаде дека треба да се испрати силна поддршка и повика дека на патот на сите предизвици заедно и сплотено имаме капацитет да се справиме со најчувствителните прашања и да се издигнеме и над тешките моменти.