Двете кардинални грешки во финалето во Лигата на Шампиони против Реал Мадрид голманот на Ливерпул, Лорис Кариус ги направил со потрес мозокот. Ваквите резултати ги потврди болницата во Бостон каде германскиот чувар ги направил деталните прегледи.
Потресот на мозокот трагичарот на „црвените“ го добил при дуелот со Серхио Рамос, кој исто така беше прогласен за виновник за повредата на Мухамед Салах на средината од првото полувреме.
– Со дозвола од Кариус ќе ги објавиме резултатите од прегледот кој детално го направивме на неговата глава. Тој во текот на мечот на 26 мај имал потрес на мозокот и во времето на евалуација имал дисфункција во гледањето на просторот. Неговото опоравување тече во најдобар ред и за многу брзо повредата на главата ќе биде минато. – изјавија кратко од болницата во Бостон.
Кариус директен виновник беше за првиот погодок на Реал Мадрид кој го постигна Карим Бензема и за третиот кој го реализираше Герет Бејл за конечна победа 3-1.
OhridNews