,,ЛОТОС студијата’’ која ќе се изготвува во рамки на проектот „Размена на најдобрите практики од ЕУ за следење и спречување на корупцијата на локално ниво“ вчера беше промовирана во Скопје. Во рамки на оваа студијата ќе бидат опфатени локалните самоуправи на Охрид, Струга. Кичево и Вевчани, како и 36 други македонски општини.

Имлементацијата на овој значаен истражувачки проект, ја врши ,,Центарот за истражување и креирање политики (ЦРПМ)’’од Скопје во партнерство со 7 други невладини организации од Македонија, помеѓу кои и ,,Локалната агенција за развој’’ од Струга.

Директорката на Центарот за истражување и креирање политики Марија Ристевска истакна дека проектот е истражувачки и цели кон развој на методолошка рамка за собирање податоци за тоа колку добро се владее на локално ниво, односно дали се применуваат антикорупциските практики од страна на локалната самоуправа.

-Името на ЛОТОС не е само  кратенка од целокупното име на студјата, туку има и симболика, бидејќи лотосот е цвет кој успева само во најчистите и транспарентни води и сакаме преку ваквото истражување да ги идентификуваме шампионите во доброто владеење на локално ниво во земјава, рече Ристевска.

Партнер на проектот, кој е финансиран од Европската Унија, е и хрватската невладина организација „Гонг“ која сличен ваков проект има спроведено во Хрватска.

– Во Хрватска всушност нашето истражување кое ќе го спроведуваме по трет пат се восприема како еден вид конкурентност меѓу градовите и резултатот се очекуваа со нетрпение од локалните власти. Се надевам дека ова ќе биде случај и со Македонија и дека локалните власти ќе соработуваат со истражувачите и ќе им ги даваат неопходните податоци, затоа што оваа соработка ќе биде од корист за локалните власти и за граѓаните, рече Нивес Миошиќ Лисјак, претставник на „Гонг“.

Роберт Лидл од Делегацијата на ЕУ во Македонија истакна дека корупцијата е многу важна тема и е присутна во извештаите за напредокот на земјите кои се во процесот на пристапување. Тој посочи дека во стратегијата за проширување на ЕУ е наведено оти треба да се бориме против корупцијата преку владеење на правото, реформа на јавната администрација и преку унапредување и промовирање на демократијата оти, вели, корупцијата ја загрозува и демократијата.

-Сите знаеме како да се бориме против корупцијата, а тоа е едноставно да кажеме НЕ на примањето мито или подмитувањето луѓе или на помагањето на пријатели во коруптивни активности. Се надевам дека со овој проект ќе им се овозможи на локалните власти и засегнатите страни да бидат активни во борбата против корупцијата, рече Лидл.

Проектот „Размена на најдобри практики во ЕУ во следење на антикоруптивни мерки на локално ниво ќе се спроведува заклучно со јуни 2015 година.

Е.М