Фудбалерите на Вардар, вечерва, против БАТЕ Борисов, ќе се обидат да изборат пласман во третото квалификациско коло во Лигата на шампиони. Во пресрет на реваншот, Вардар има активен резултат, кој му гарантира дека може да го елиминира белорускиот шампион.

Првиот натпревар, одигран пред една недела во Белорусија, заврши со шокантен пораз на Вардар од 2:3. „Црвено-црните“, на тој натпревар до 92 минута има предност од еден гол, но во 120 секунди дозволија Родионов да постигне да гола и на БАТЕ Борисов да му донесе минимална предност пред реваншот во Скопје.

Од таборот на македонскиот првак, свесни за големата можност која им се укажува, најавија дека во реваншот ќе се обидат да одиграат мудро, најпрвин добро да ги затворат приодите кон својот гол, а потоа и да се искористат евентуалните грешки во играта на противникот.

„Не изненади нивната трпеливост во играта, нивната физиономија и филозофија, која не ја сменија во ниту еден момент од натпреварот. Во текот на целиот натпревар го форсираа нивниот стил, беа смирени и ги чекаа своите моменти, на крајот кога падна нашата концентрација тие тоа го искористија“, вели капитенот на Вардар Милан Илиевски, навраќајќи се на случувањата од пред една недела.

БАТЕ Борисов е екипа со завидно педигре во Лигата на шампиони, оваа екипа два пати била учесник во фазата по групи во елитното натпреварување. Минатата сезона во ЛШ, БАТЕ Борисов играше во група со Барселона, Милан и Викторија Плзен.

Белорусите се екипа која седум години доминира во домашното првенство, нивни главен квалитет е воиграноста со оглед на тоа што најголемиот дел од фудбалерите долго време играат заедно.

„Се обидуваме да останеме смирени во целтата оваа еуфорија. Имаме позитивен резултат, резултат со кој сме во игра за пласман понатаму и ќе дадеме се од себе да ја искористиме шансата. БАТЕ Борисов е силен како тим, добро се организирани, играат дисциплинирано, како целина се многу опасни“, рече стрелецот на вториот гол за Вардар на мечот во Борисов, Остоја Стјепановиќ.

Вардар и БАТЕ Борисов натпреварот ќе го одиграат на Националната арена Филип Втори, мечот ќе започне во 20 часот. Вратите на нашиот најголем стадион ќе бидат отворени во 18 часот, а истите ќе бидат затворени на 15 минути пред почетокот на натпреварот. Според информациите од Вардар сите билети за натпреварот се распродадени

“макфакс“
Ohridnews