Со натпреварите во групите Е, Ф, Г и Х, во среда, ќе заврши првата фаза во фудбалската Лига на шампиони. Од оваа половина пласман во осминафиналето веќе обезбедија Барселона, Баерн Минхен и Зенит, додека за преостанатите пет места ќе се води голема битка.  

Во Е групата, Рома судбината ја има во своите раце, со победа над БАТЕ Борисов римјаните ќе продолжат во наредната рунда. Белорусите можат во осминафиналето, само доколку победат во Рим, а во исто време Барселона да остане непоразена во Леверкузен. Германскиот тим, пак, со победа над Барса ќе чека кикс на Рома.

Олимпијакос и Арсенал во директен дуел ќе решат кој ќе биде втор во Ф групата. Олимпијакос со нерешено и со минимален пораз (0:1, 1:2,) може до втората позиција, додека на Арсенал му е потребна победа од два гола разлика или победа од еден гол, но со резултат поголем од 3:2.

Три екипи во Г групата се борат за пласман во осминафиналето, а во најдобра положба е Динамо Киев. Украинците ќе го пречекаат Макаби и со победа ќе обезбедат една од првите две позиции.

Челзи и Порто исто така ќе водат голема борба, на англискиот шампион му одговара и нерешено, а Порто со евентуална победа ќе оди во осминафиналето и во исто време ќе го елиминира Челзи од ЛШ.

Математиките во Х груата се јасни, Гент треба да слави во дуелот со Зенит, единствениот тим кој има максимален учинок во првите пет натпревари, и да го оставри најголемиот успех во својата историја.

Во исто време Валенсија ќе брка победа над Лион и ќе чека пораз или реми на Гент за пласман во нокаут фазата. Во случај на нерешен резултат на двете средби во Г групата Гент ќе биде на втората позиција.

Двојки : 

Група Е : Рома-БАТЕ Борисов, Баер Леверкузен-Барселона

Табела: Барселона 13, Рома 5, Леверкузен 5, БАТЕ 4

 

Група Ф : Олимпијакос-Арсенал, Динамо Загреб-Баерн Минхен

Табела: Баерн 12, Олимпијакос 9, Арсенал 6, Динамо 3

 

Група Г : Челзи-Порто, Динамо Киев-Макаби

Табела: Челзи 10, Порто 10, Динамо 8, Макаби 0

 

Група Х : Гент-Зенит, Валенсија-Лион

Табела: Зенит 15, Гент 7, Валенсија 6, Лион 1. 

Ohridnews