Манчестер Јунајтед со фантастичен пресврт во последните пет минути го совлада Јувентус (2-1) и го освои целиот плен во Торино во рамките од четвртата рунда во фазата по групи во Лигата на Шампиони.

Првиот дел од дерби средбата во Х групата помина во знакот на домаќините кои имаа неколку прилики за погодок. Најблиску до целта беше Сами Кедира, но неговиот удар заврши во стативата.

Домашните фудбалери не отстапија од офанзивната игра во второто полувреме и продолжија да го напаѓаат голот на Давид де Геа. Наградата за напаѓачката игра стигна во 65-та минута кога Кристијано Роналдо од прва го матираше шпанскиот голман за водство 1-0.

„Старата дама“ после водечкиот погодок не застана и тргна по втор за дуплирање на водството. Де Геа беше на висина на задачата, а и фудбалерите на Јувентус непрецизно биеја од изгледни прилики. Казната за нереализираните прилики ги стигна во завршните пет минути. Хуан Мата во 85-та минута од слободен удар го матираше Шчезни за изедначување на резултатот. Во налетот „црвените ѓаволи“ искористија нов прекин и со помош на Алек Сандро погодија за 2-1 и комплетен пресврт.

Со трите бодови Манчестер Јунајтед ја задржа втората позиција на табелата и ја одложи осминафиналната промоција на Јувентус.

Резултати:

Група Е: Баерн Минхен – АЕК 2-0, Бенфика – Ајакс 1-1

Табела: Баерн Минхен 10, Ајакс 8, Бенфика 4, АЕК 0

 

Група Ф: Лион – Хофенхајм 2-2, Мен Сити – Шахјтор Доњецк 6-0

Табела: Мен Сити 9, Лион 6, Хофенхајм 3, Шахјтор Доњецк 2

 

Група Г: ЦСКА Москва – Рома 1-2, Викторија Плзен -Реал Мадрид 0-6

Табела: Реал Мадрид 9, Рома 9, ЦСКА 4, Викторија Плзен 1

 

Група Х: Валенсија – Јанг Бојс 3-1, Јувентус – Мен Ју 1-2

Табела: Јувентус 9, Мен Ју 7, Валенсија 5, Јанг Бојс 1

OhridNews