Ракометарите на Кил, го освоија целиот плен во Скопје совладувајќи го Вардар со убедливи 31-20 (16-4) во дерби натпреварот од 4-та рунда во фазата по групи во Лигата на Шампиони.

Европскиот првак одиграа прво полувреме за заборав. „Црвено црните“, постигнаа само четири погодоци а примија дури 16 за двоцифрена негатива на семафорот после 30 минути игра. Нерешлива енигма за „вардарци“ беше Никлас Лендин кој правеше чуда на голот.

Во вториот дел, избраниците на шпанскиот стратег Писонеро пружија далеку поголем отпор успеаја да дојдат до минус шест, но германците ја вратија разликата и славеа во Скопје со конечни 31-20.

Покрај данскиот голман Лендин повеќе од добар меч одиграа Пекелер кој заврши со 8 погодоци од 10 обиди, Винчек со четири од четири и Дувњак со шест погодоци. Во тимот на Вардар, се истакнаа Дибиров со 5 односно Криштопанс со 4 голови.

Вардар после трите врзани победи претрпе пораз и го загуби лидерското место. Нови предводници се ракометарите на Кил кој со скор од три победи и реми се првопласирани на табелата.

OhridNews
Фото: Гол.мк