Скопските „црвено црни“ го преслушаа Европскиот првак, Киелце во дербито на колото победувајќи го со убедливи 40-34 (18-18) во Јане Сандански.


Ракометарите на Вардар петтата победа во групната фаза ја осигураа со маестрална игра во вториот дел во кој буквално го растурија својот противник.

Првото полувреме водството двете екипи го имаа во свои раце, но по голема борба резултатот беше изедначен (18-18).

Вистинското лице домашните ракометари го покажаа во второто полувреме. Одбраната изгледаше гранитно, а нападот погодуваше од секаде.

„Црвено црните“ стигнаа до убедливо водство и заслужено ги освоија бодовите од дербито на колото со кои го запоседнаа врвот во Б групата.

Девет голови од исто толку обиди имаше Игор Карачиќ, а по осум погодоци реализираа Алекс Душебајев и Тимур Дибиров.

Во следната шеста рунда Вардар гостува во Германија, а ќе се сретне со составот на Рајн Некар Ловен.

Фото: 24.ракомет.мк
OhridNews