Англискиот премиерлигаш Ливерпул и шпанскиот првак Барселона се последните патници во 1/4 финалето во Лигата на Шампионите. „Црвените“ го елиминираа Баерн Минхен, додека Барселона го помина францускио Лион за пласман во ТОП 8.

Избраниците на Јирген Клоп со 3-1 го совладаа Баерн Минхен и со тој резултат обезбедија пласман во четвртфиналето. Првиот меч во Ливерпул заврши без победник 0-0. Ливерпул победата ја најавија со погодокот на Садио Мане во 26-та минута. Пред финишот на првиот дел „баварците“ со авто-голот на Матип се вратија во игра за позитивен резултат. Нова предност за гостите донесе Вирџил ван Дајк во 69-та минута, а печат на победата стави Мане со вториот погодок на натпреварот.

Барселона со триумф (5-1) над Лион ги заокружи четвртфиналистите во ЛШ. Каталонците мрежата на французите ја начнаа во првото полувреме кога Лионел Меси и Филипе Кутињо погодија за водство. Мала паника на Ноу Камп донесе Лукас Турарт кој во 58-та го намали резултатот. Барселона последните десеттина минути постигна три голови и не дозволи неизвесен финиш и некое несакано сценарио. Меси со вториот погодок, Жерард Пике и Осман Дембеле го заверија триумфот и пласманот понатаму.

Ливерпул и Барселона им се придружија на Манчестер Сити, Јувентус, Манчестер Јунајтед, Ајакс, Порто и Тотенхем кои претходно обезбедија пласман во четвртфиналето. Ждрепката за паровите е во петок со почеток во 12 часот.

OhridNews