Екипата на Севиља ја приреди најголемата сензација во 1/8 финалето во Лигата на Шампиони елиминирајќи го Манчестер Јунајтед. На шпанците помеѓу најдобрите осум им се придружи тимот на Рома кој го помина составот на Шахјтор Доњецк.

Пулените на италијанскиот стратег Виченцо Монтела пласман во четвртфиналната фаза обезбедија со триумфот на Олд Трафорд 2-1, откако првиот меч заврши без голови и без победник. Човек на одлука беше Бен Једер кој постигна два погодоци од 74-та до 78-та минута. Трошка надеж за „ѓаволите“ донесе Ромелу Лукаку, но неговиот погодок се покажа како почесен.

Правилото гол во гости им се насмевна на римската „волчица“. На Олимпико домашните фудбалери победија со минимален резултат 1-0 и благодарание на погодок постигнат во гости во поразот 2-1 обезбедија пласман понатаму. Стрелец на единствениот погодок беше Един Џеко во воведните десет минути од второто полувреме.

Осминафиналната фаза ќе се комплетира со реванш натпреварите помеѓу Бешикташ – Баерн Минхен (0-5) односно Барселона – Челси (1-1).

OhridNews