Првите полуфиналисти во Лигата на шампиони ќе бидат познати во вторник,
по одигрувањето на реванш натпреварите помеѓу Борусија и Малага, односно
Галатасарај и Реал Мадрид.

Борусија и Малага на првиот меч одиграа 0:0, а најголем ’виновник’ што
натпреварот заврши без голови и што неговата екипа сеуште може да се
надева на пласман во полуфиналето е голманот на Малага, Вили Кабаљеро кој
на тој меч одбрани неколку тешки удари.

Тренерот на Малага, Мануело Пелегрини, не беше на клупата на својот тим
во саботата, тој замина во Чиле на погребот на својот татко. Пелегрини
од Чиле ќе пристигне во Дортмунд, што може да преставува одреден
хендикеп за тактичката подготовка на натпреварот.

„Се е отворено, ќе биде тешко во Дортмунд, таму гостинската екипа
секогаш се наоѓа под голем притисок. Сепак работите се решаваат на
теренот. Оваа сезона направивме добри резултати во Милано и Санкт
Петербург, не гледаме причина зошто тоа да не го повториме и во
германија. Очекувам вистинска борба“,
рекол дефанзивецот на Малага,
Мартин Демикелс кој неколку сезони како играч на Баерн Минхен
настапуваше во Бундеслигата.

Инаку, Малага во минатото коло загуби во Сан Себастијан од Реал Сосиедад
со 4:2, додека Борусија со идентичен резултат го победи Аугзбург.

„Реми без голови е многу опасен резултат, но ние покажавме дека можеме
да се носиме со Малага. Имаме големи шанси да се пласираме во
полуфиналето“,
изјавил капитенот на Борусија, Себастијан Кел.

Неизвесност не би требало да има во Истанбул каде Реал мечот против Галатасарај ќе го започне со предност од 3:0.

Сепак во ’кралскиот клуб’ свесни за атмосферата на стадионот повикуваат
на целосна мобилизација. Реал на овој меч ќе биде без Серхио Рамос и
Чаби Алонсо кои се суспендирани поради жолти картони.

„Ништо не е готово, знаеме колку фудбалот е чудна игра и какви
изненадувања се имаат случувано. Тешко е да се игра на тој стадион.
Галатасарај е подобар тим отколку што тоа го покажува резултатот од
првиот натпревар“,
изјавил голманот на Реал, Дијего Лопез.

Во последните првенствени натпревари двата тима забележаа победи – Галатасарај против Мерсин 3:1, а Реал над Левенте 5:1. Двете средби, во Дортмунд и Истанбул ќе започнат во 20:45 часот.

“Макфакс“