Во вторник и во среда во фудбалската Лига на шампиони ќе се одиграат натпреварите од четвртото коло. Колото ќе биде отворено со натпреварите во Групите А, Б, Ц и Д, а покрај дуелот Реал Мадрид-Ливерпул, внимание привлекува и натпреварот Јувентус-Олимпијакос.
Италијанскиот шампион Јувентус во пресрет на четвртата натпреварувачка рунда се наоѓа во незавидна положба, бидејќи во претходните три натпревара освои само три бода со победата над Малме, а загуби на гостувањата кај Атлетико Мадрид и Олимпијакос.
Поради тоа, само победа е опција за Јувентус, доколку сака да остане во игра за пласман во осминафиналето.
„Сакаме да му се реваншираме на Олимпијакос за поразот во Атина. Знаеме дека нема да ни биде лесно, но убеден сум дека можеме да ги исполниме очекувањата на нашите навивачи“, изјавил за Газета дело Спорт, тренерот на Јувентус Масимилијано Алегри.
За разлика од Јувентус кој трепери за пласман во осминафиналето, екипите на Реал Мадрид и Борусија Дортмунд, веќе во вторник и теоретски можат да го обезбедат пласманот во нокаут рундата. За да се случи тоа, тие ќе треба да забележат победи над Ливерпул, односно Галатасарај.
Реал се наоѓа во неверојатна серија од 11 последователни победи, додека, пак, Борусија која во Бундеслигата има шест порази во десет натпревари, во Лигата на шампиони ги има сите три победи.
Доколку Бориусија победи или, пак, одигра нерешено со Галатасарј, пласман во осминафиналето со победа над Андерлехт ќе обезбеди и Арсенал.
Лига на шампиони, 4-то коло, вторник:
Група А: Јувентус-Олимпијакос, Малме-Атлетико Мадрид
Табела: Олимпијакос 6, Атлетико 6, Јувентус 3, Малме 3
Група Б: Реал Мадрид-Ливерпул, Базел-Лудогорец
Табела: Реал 9, Лудогорец 3, Ливерпул 3, Базел 3
Група Ц: Зенит-Баер Леверкузен, Бенфика-Монако
Табела: Баер 6, Монако 5, Зенит 4, Бенфика 1
Група Д: Борусија Дортмунд-Галатасарај, Арсенал-Андерлехт
Табела: Борусија 9, Арсенал 6, Андерлехт 1, Галатасарај 1.
„Макфакс“