Нема повеќе непоразени екипи во А групата, откако ракометарите на Келце пред своите гледачи со 31-27 (16-15) го совладаа македонскиот првак Вардар во петтата рунда од фазата по групи во Лигата на Шампиони.

Келце и Вардар одиграа тврд и тензичен натпревар и го оправдаа епитетот дерби во А групата. Домаќините подобро го отворија мечот, а „вардарци“ приклучок односно „заби“ покажаа во финишот од првото полувреме стигнувајќи само еден негатива (16-15).

Во второто полувреме одбраната која е заштите знак на „црвено црните“ не го подигна нивото на игра, а полјаците не дозволуваа ни малку лесни голови. Тензијата владееше во текот на целиот натпревар и пред време мечот го заврши Вуко Борозан односно Алекс Душебајев.

Последните десеттина минути ракометарите на Вардар дадоа од се` од себе, но домашните ракометари бодрени од публиката не дозволија нов кам бек на гостите и ја забележаа четвртата победа во групата.

Вардар останува на врвот од табелата, но сега има друштво во Барселона и Келце со кои има идентичен скор (4-1). Во следната шеста рунда македонскиот шампион на домашен терен ќе го пречека Мешков Брест.

OhridNews