Фудбалерите на Ливерпул направија голем чекор напред кон финалето во Лигата на Шампиони, откако во првиот полуфинален натпревар со 5-2 ја совладаа Рома. „Црвените“ испуштија речиси и сигурен пласман во големото финале, дозволувајќи и на Рома два голови во финишот за конечни 5-2.
„Волчицата“ почна добро, наспроти Ливерпул, кој натпреварот го отвори резервирано односно претпазливо. Првата прилика на мечот и припадна на гостинската екипа, која ја погоди гредата. Двете следни прилики не ги искористи домашниот состав преку Мане, кој биеше непрецизно.
На сцена после неколкуте нереализирани прилики стапи Мухамед Салах. Поранешниот играч на Рома со одмерен удар во спротивниот агол го отвори резултатот. Пред крајот на првиот дел, Салах го надмудри Алисон и го дуплираше водството.
Еуфоријата на „црвените“ на Енфилд кулминираше во второто полувреме. Од 56-та до 69-та минута домаќините постигнаа нови три голови за убедливо водство 5-0. На 3-0 зголеми Мане, а голови за 4-0 и 5-0 ги постигна Фирмињо.
Надеж за римјаните донесе Един Џеко, кој во 82-та минута намали на 5-1, а возбудлив реванш најави Пероти, откако погоди од белата точка.
Реванш натпреварот се игра следната среда, а Рома одново ќе има задача да победи со три или повеќе голови разлика како на дуелот со Барселона во 1/4 финалето.
OhridNews