Гостувањето на Наполи на легендарната „Маракана“ во рамките од првата рунда во фазата по групи во Лигата на Шампиони потсети на едни времиња кога мечевите од елитната конкуренција беа секојдневие за вљубениците на фудбалот во бивша Југославија.

Магичната ноќ во Белград ја најавија момците од златната генерација на Црвена Ѕвезда која во 1991 година ја покори Европа. Нивниот почесен круг, проследен со стоечки овации, сигурно беше мотив повеќе за актуелните фудбалери на „црвено белите“ да „изгинат“ на теренот и да извлечат голем бод против италијанскиот калчолигаш.

На спектакуларната атмосфера на „Маракана“ имуни не останаа ниту фудбалери на Наполи кои пред почетокот на мечот снимаа со своите телефони, а после натпреварот ги поздравија 50 000 гледачи кои беа присутни на стадионот.

Црвена Ѕвезда на домашен терен во следните натпревари ќе ги пречекаат атрактивните екипи и фаворитите за висок пласман Ливерпул и ПСЖ кои сигурно ќе бидат причина за нов спектакл и магична ноќ во Белград.

Мх.П./Г.М.