Со натпреварите Пари Сен Жерман-Барселона и Баерн Минхен-Јувентус, во вторник, ќе започне четвртфиналната фаза во Лигата на шампиони во фудбал.


Барселона на „Паркот на принцовите“ ќе биде без капитенот Пујол, но со тренерот Тито Виланова, кој по 10 недели се враќа на клупата на својот тим. Во центарот на вниманието ќе бидат најдобрите стрелци на двата тима Златан Ибрахимовиќ (ПСЖ) и Лионел Меси (Барселона).

Ибрахимовиќ, една сезона беше дел од Барса, од каде замина лут и незадоволен, по заминувањето зборуваше сè и сешто за тогашниот тренер Пап Гвардиола.

„Како да се победи Барселона? Тоа е добро прашање. Ќе мора да бидеме сконцентрирани на нашата игра, а тренерот ќе ја избере вистинската тактика, како да одиграме против без сомнение најдобриот тим на светот“, изјави Ибрахимовиќ, стрелец на 29 голови сезонава во првенството на Франција.

Ибрахимовиќ не е единствениот играч на ПСЖ кој во кариерата бил член на Барселона, дел од тимот во минатото биле Максвел и Тијаго Мота. Екипата од Париз има респект кон противникот, но не се плаши од него.

„Барселона има многу одлични играчи и го играат најдобриот фудбал на светот. Меѓутоа секоја екипа има свои слаби страни, не постои совршена екипа“, вели талентираниот Бразилец Лукас Моура.


Играчот за врска, Хавиер Пасторе е воодушевен што ќе игра против сонародникот Меси. „Тој е најдобриот светски играч и тоа го покажува на секој натпревар. За сите Аргентинци тој е вистински пример. Се радувам што ќе играм против него и верувам дека со многу емоции ќе го дочекам тој момент“, рекол Пасторе.

Лео Меси оваа сезона игра во извонредна форма, во сите натпреварувања има постигнато 56 погодоци (43 во првенството на Шпанија во 29 натпревари и седум во Лигата на шампиони).

„Сите сме сконцентрирани на овој натпревар. Ќе биде тешко, но имам добро претчувство. Сите сме среќни што Ерик Абидал е повторно со нас. Тренерот Виланова е мотивиран и многу е важно што во финишот од сезоната се врати во тимот“, изјавил Меси.

Супер интересен дуел ќе се одигра и во Минхен, каде ќе се сретнат Баерн и Јувентус, двата тима се многу блиску до освојување на титулите во националните првенства.

„Во Минхен допатувавме без страв и со многу самодоверба. Играме против силна екипа, но ние веруваме во нашите сништа“,
изјавил тренерот на Јувентус Антонио Конте.


Себастијан Џовинко е неизвезен за настап на овој меч, кој се повреди на дербито со Интер, додека Мирко Вучиниќ ќе конкурира за место во тимот.

Инаку Јувентус во четвртфиналниот двомеч надежите ги полага и во статистиката, која вели дека ’старата дама’ пет пати го минувала четвртфиналето кога против себе имала германски тим.


Без оглед што неговиот тим игра во извонредна форма, тренерот на Баерн е претпазлив пред овој меч.

„Јувентус е една од најдобрите европски екипи – агресивна со играчи кои многу трчаат“,
вели предводникот на Баерн, Јуп Хајнкенс.

Баерн, четврти пат во последните пет години игра во четвртфиналето во Лигата на шампиони, на домашен терен има победи на 17 од последните 18 натпревари.

“Макфакс“