Манчестер Сити зачекори кон првото четвртфинале во својата историја во Лигата на Шампиони откако во Киево со 3-1 го совлада украински Динамо. За разлика од овој меч, во Ајндховен екипите на ПСВ и Атлетико Мадрид ремизираа со непопуларниот резултат (0-0).
Серхио Агуеро најдобро се снајде во мешаницата фудбалери и во 15-та минута донесе водство за „граѓаните“. Гостите од Манчестер пет минути до крајот на првиот дел го дуплираа водството со голот на Давид Силва.
Домаќините после еден час игра се вратија во игра за поволен резултат откако Бујалски ја намали негативата 2-1. Поголем дел од работите во оваа осминафинална двојка разреши Јаја Туре со маестралниот погодок во 90-та минута од натпреварот.
Највозбудлив момент на мечот во Ајндховен беше црвениот картон на домашниот фудбалер Переиро. „Јорганџиите“ не ја искористија бројчаната предност, и оставија да решаваат пред своите гледачи за две седмици.
Мх.П.











