Англискиот премиерлигаш Манчестер Јунајтед во Париз продолжи онаму каде што застана синоќа Ајакс во Мадрид елиминирајќи го актуелниот шампион Реал. „Црвените ѓаволи“ со неверојатен триумф (3-1) ја надополнија негативата (2-0) од првиот меч и благодарание на правилото гол во гости го елиминираа Пари Сент Жермен.

Дека ноќта на стадионот „Паркот на принцовите“ ќе биде необична најави Ромелу Лукаку кој погоди уште во втората минута за гостинска предност. Домаќините по само десеттина минути ги вратија работите во колосек со погодокот на Хуан Бернат. Избраниците на Оле гунар Солскјаер водството го вратија со вториот погодок на Лукаку во 30-та минута, откако Џиџи Буфон не реагираше најдобро после ударот на Маркус Рашфорд.

Во второто полувреме Манчестер Јунајтед не остапи од играта на својата половина и стрпливо ја чекаше својата шанса. ПСЖ имаше иницијатива, но јалово, бидејќи не створи прилика за нов изедначувачки погодок кој ќе ги решеше работите. Шансата за гостите од Манчестер стигна во 90-та минута после прегледување на снимката главниот судија Дамир Скомина додуси пенал. Сигурен егзекутор беше Рашфорд, кој го матираше Буфон. Домаќините нападнаа, но не успеаја да погодат и се збогуваа со сонот за титулата во ЛШ.

Фудбалерите на Манчестер им се придружија на Ајакс и Тотенхем во четвртфиналето од Лигата на Шампиони.

OhridNews