По победата на Баерн над Јувентус и ремито помеѓу ПСЖ и Барселона, Лигата на шампиони се сели во Шпанија, каде во првите четвртфинални натпревари Малага ќе ја пречека Борусија Дортмунд, а Реал ќе му биде домаќин на Галатасарај.


„Кралскиот клуб“ на титулата во ЛШ чека од сезоната 2001/2002, добрата форма, но и реномето и формата во која се наоѓа во последно време му ја даваат улогата на апсолутен фаворит во двомечот со турскиот шампион.

Тренерот на Реал, Жозе Мурињо, против себе ќе има двајца играчи, Весли Снајдер и Дидие Дрогба, со кои во минатото имаше одлична соработка. Португалецот смета дека неговите играчи ќе мора да бидат ефикасни во двете средби.

„Галатасарај има искусен тренер кој во тимот вгради победнички карактер. За нас нема поголема мотивација од сознанието дека со две победи ќе се пласираме во полуфиналето. Немам повредени играчи, во пол состав ќе му се спротивставивме на Галатасарај“, изјавил Мурињо.

Галатасарај е аутсајдер во овој меч, но сигурно е дека Турците ќе ја искористат секоја можност која ќе им ја пружи Реал, за остварување на поволен резултата. Галатасарај по петти пат во клупската историја се наоѓа меѓу најдобрите осум екипи во Европа, а само еднаш имаат играно во полуфиналето (1988/1989).

„Ждрепката не беше на наша страна, знаеме против кого играме, но исто така покажавме дека имаме знаење и сила да постигнуваме добри резултати. Не сум загрижен, ќе дадеме се од себе и се надевам на два одлични натпревара. Верувам во тимот, верувам во играчите, знам дека се подготвени да одиграат добро кога тоа е потребно“, рекол предводникот на Галатасарај, Фатих Терим.

На „Сантијаго Бернабеу“ во центарот на вниманието ќе бидат и најдобрите стрелци во досегашниот дел во ЛШ, Кристијано Роналдо (Реал) и Бурук Јилмаз (Галатасарај), двајцата имаат постигнато по осум голови.

Малага е дебитант во ЛШ и веќе во првата сезона оствари сериозен резултата, за пласман во полуфиналето шпанскиот тим ќе се бори со Борусија Дортмунд.

Тренерот на Малага, Мануел Пелегрини смета дека непредвидливоста е најголемата сила на неговиот тим, бидејќи никој не очекувал дека тие ќе играат во четвртфиналето.

„Мислам дека дека пред реваншот ќе ни треба поволен резултата, а бидејќи играме на домашен терен сметам дека можеме да ја неутрализираме нивната игра со многу додавања и да го наметнеме својот стил.Одлуката за патникот во полуфиналето ќе падне во реваншот“,
смета Пелегрини.

Германците, кои во 1997 година ја освоија засега единствената титула во ЛШ, во Малaга допатуваа со амбиција да стекнат предност уште на првиот меч.

„Тие играат добро, тоа е искусен тим кој игра многу организирано во одбраната и во нападот. Меѓутоа ние сме во добра форма, но нема да биде разочарани и доколку не победиме. Името на противникот не значи ништо, работите се решаваат на теренот“, рекол тренерот на Борусија Јирген Клоп.

Овој дуел ќе биде во знакот на младите ѕвезди, 20-годишните Иско (Малага) и Марио Геце (Дортмунд). Дуелите во Малага и во Мадрид ќе започнат во 20:45 часот.

“Макфакс“