Вардар го одбрани третото место во Будимпешта откако во малото финале со 30-28 (14-16) го совлада Будуќност. Славеше поумешниот тим, „црвено-црните“ подобро се снајдоа во резултатската вртелешка која преовладуваше во текот на целиот меч. Двата тима посакуваа да се судрат во финалето, но и бронзениот медал беше доволен мотив да одиграат допадлив и до крај возбудлив натпревар.
„Вардарки“ стартуваа фуриозно и благодарение на добрата одбрана се оделпија на 5-1 по седум минути игра. Таквата игра не ги поколеба “плавите“ кои вратија во иста мера и по петнаесет минути игра беше 8-8. Гол за гол се играше се до последната минута од првиот дел кога со двата гола во низа црногорките дојдоа до водство и предност 16-14.
На стартот на вториот дел се разигра Булатовиќ (четири гола во низа), а по голот на Крајчевиќ во 41 минута за прв пат на мечот Будуќност имаше 4 гола предност. Пенезиќ со голови од далечина се обиде да го одржи македонскиот првак во живот. Следуваа минути кога Вардарки одиграа добро во одбраната, а благодрение на Лејно успеаа да ги анулираат 4-те гола предност. Со резултатски егал се влезе и во последните десет минути од мечот.
Клучно се покажа исклучувањето на Јуковиќ во 53 минута. Погодија Радичевиќ, Хмирова и Дамјановиќ и Вардар во решавачките минути влезе со два гола предност. Умешно усепаа да ја зачуваат и сосема заслужено да се радуваат на бронзениот медал.
Пенезиќ со 7 гола беше најефикасна во победничкиот тим, додека Неагу со осум гола во поразениот состав.
Трета сезона во низа Вардар се закитува со бронзениот медал во лигата на шампиони.
OhridNews