Тренерот на Киелце, Богдан Вента, вели дека со нетрпение ги очекува дуелите против Металург во четвртфиналето во Лигата на шампиони. Првата од двете средби ќе се одигра в недела во Скопје со почеток во 17 часот, реваншот ќе биде на програмата на 28.април во Полска.


„Сон на секој играч е да игра вакви натпревари. Ние се подготвивме за овој меч, игравме и натпревар во домашното првенство во пресрет на дуелот во Скопје, за среќа сите ракометари се здрави“, рекол Вента и дополнил: „и Металург е комплетен, по повредата им се врати Миркуловски и јас воопшто не се сомневам дека Македонците ќе ’летаат’ по теренот. Меѓутоа овој меч и ние со нетрпение го очекуваме, подготвени сме тактички за нашиот противник, но сето тоа нема да значи ништо доколку не дадеме се од себе.“

Најголема причина за задоволство на Вента му дава здравствениот билтен, Киелце по подолго време ќе игра во комплетен состав, во тимот се вратија Чупиќ, Штрлек, Росински и Ткачик.

Тренерот на Киелце смета дека на завршниот турнир ќе патува онаа екипа која подобро ќе одигра во двете средби.

„Сметам дека е добро што реваншот ќе го играме на домашен терен. Но да не заборавиме, треба да се игра добар ракомет во двете средби за да се оди понатаму, резултатот од првиот натпревар, каков и да е, не гарантира пласман на завршниот турнир. Сметам дека не очекуваат 120 минути одличен ракомет“, рекол Вента.

Ракометарите на Киелце, во Скопје ќе пристигнат во сабота околу 14 часот, а истиот ден во 19 часот ќе го одржат единствениот тренинг пред натпреварот.

Киелце во Скопје ќе има поддршка од околу 200 свои навивачи, дел ќе допатуваат од Полска, а дел ќе бидат војниците на КФОР кои се стационирани на Косово.

“Макфакс“