Во последниот меч на домашен терен од главната фаза во Лигата на Шампиони, Вардар ќе ги одмери силите со Европскиот првак Будуќност.


Високиот пораз (31-19) од првиот натпревар одигран во Подгорица ќе биде голем мотив за „вардарки“ кои горат од желба за победа.

– Меч со големо значење, а исто така и голем тест за нас. Со триумф над Будуќност да ја срушиме психолошката бариера која ни се наметна по неколкуте неусшени обиди за победа против нив. Ракометарките максимално се посветени на мечот, работат напорно, а се надевам дека така и ќе одиграат. За противникот нема потреба да се говори, наша задача ќе биде да примиме малку голови и да постигнеме повеќе од 22 голови. – рече Индира Кастратовиќ.

После поразот од „плаво белите“ работите на Вардар во главната фаза од ЛШ тргнаа во нагорна линија. Српската репрезентативка Сања Дамњановиќ посакува тоа и да продолжи без оглед на квалитетот на противникот.

– Прво посакуваме полна сала, а како второ ветуваме дека ќе се бориме за секоја топка, за секоја педа на теренот бидејќи поразот од нив не се заборава. Од тој пораз извлековме добри поуки со кои се послуживме во минатите мечеви. Неблагодарно е да се прогнозира, но ние одиме на победа. – изјави Србинката.

Дербито на колото во женската лига на шампионки се игра во недела со почеток во 17:30 часот. 

OhridNews