Ракометарките на Вардар зачекорија кон завршниот турнир од Лигата на Шампиони во Будимпешта откако со убедливи 34-20 го совладаа европскиот вицепрвак Ларвик.


„Црвено црните“ одиграа натпревар без грешка во првиот четвртфинален дуел од двомечот со долгогодишниот владетел во норвешкиот ракомет.

Убедливата победа „вардарки“ ја најавија на стартот од мечот кога со серија 10-0 се одлепија на фантастични плус единаесет (12-1).

Норвежанките се консолидираа и успеја да намалат на седум (16-9) на крајот од првиот дел.

Домашните ракометарки во вториот дел ја повторија играта од првото полувреме и ја вратија вообичаената предност на семафорот.

Со уште една „форца“ во финишот од мечот „црвено црните“ стигнаа до убедлива победа со 14 голови позитива (34-20).

Свој неверојатен ден имаше Амандин Лејно која собра 20 успешни одбрани, а во нападот Пенезиќ постигна осум, Лазовиќ шест и Радичевиќ пет, а во стрелците се запишаа уште седум ракометарки.

OhridNews