Ракометарите на македонскиот шампион, Вардар славеа над француски Монпеље 34:26 (17-17) во последниот меч од групната фаза во Лигата на шампионите.
Раул Гонзалес реши малку да го „измеша“ почетниот состав, така што мечот го започнаа Манасков и Лазаров, но сериозниот пристап веќе по пет минути му донесе предност на Вардар 4:1, потоа и 6:2, но кога гостите се доблиќија на 7:6 по десет минути игра, вардаровата клупа беше приморана да побара минута одмор.
По тајмаутот, Вардар експресно постигна четири гола и на половина од првото полувреме стигна до максималната предност од пет гола 11:6.
Тука Вардар застана, одбраната стана порозна, акциите беа безидејни и му дозволи на Монпеље во целост да се врати во мечот.
Францускиот тим во 25 минута израмни на 14:14, а до крајот на полувремето двата тима постигнаа по три гола, за 17:17 по 30 минути игра.
По исто сценарио започна и второто полувреме, Вардар лошо играше во двата правци и му дозволи на Монпеље да стигне до првото водство на мечот 20:21 во 38.минута.
„Црвено црните“ успеаја да се вратат многу бргу во мечот и во наредните осум минути со серија 6:2, стигнаа до 27:23.
Во поледните десет минути Вардар со рутинска игра ја одржа предноста и ја запиша деветтата победа во Лигата на шампионите.
„Макфакс“
OhridNews











