Македонскиот првак Вардар во Белорусија против БАТЕ Борисов ќе ја започне европската авантура во Лигата на Шампиони. “Црвено-црните“ се аутсајдери во дуелот со тимот од истокот на Европа, кој е редовен учесник во натпреварите по групи во ова натпреварување.


По четири години Вардар се враќа во Европа, а најголемиот успех го постигна во 2003 година кога беше на прагот од натпреварите по групи.  Тогаш Вардар ја елиминираше ЦСКА, а контроверзниот гол во Скопје против Спарта Прага значеше нивна елиминација.

Стратегот на вардарци, Илчо Ѓорѓиоски има горко искуство со белорускиот тим. Во 2009 година тимот на Македонија ЃП кој го предводеше Ѓорѓиоски беше елиминиран со вкупни 4-0. Тој посакува друг расплет на настаните во овој двомеч.

– Играат една модифицирана варијанта на 4-4-2, што е малку поинаку од начинот на игра што го практикуваа во 2009 година кога ја предводев Македонија Ѓ. Имаме јасна слика за квалитетите на БАТЕ Борисов. Тимот им е искусен, со неколку играчи што настапија и тогаш. Сепак, тоа не менува ништо бидејќи Вардар како и секогаш ќе оди на победа – вели Илчо Ѓорѓиоски.

Првиот меч се игра вечерва  (18 ч.) во Борисов, додека реванш мечот се игра на 25 јули (20 ч.) на арената “Филип Втори“.

ohridnews