Ракометарките на Вардар, во сабота, во Лигата на шампионките ќе ја пречекаат екипата на Крим Меркатор. Вардарки, кој во претходното коло неочекувано загубија во Лајпциг на овој меч едноставно немаат право на грешка доколку сакаат да се надеваат на пласман на завршниот турнир.
„Секогаш нашите први натпревари се многу тешки, не барам оправдување, само сакам да извлечеме поука од натпреварот во Лајпциг. Натпреварот со Крим е многу значаен за нас, а во исто време се обидуваме да го заборавиме натпреварот со Лајпциг. Сметам дека и јас и девојките сме пред се психички подготвени за она што не очекува в сабота. Сакам да одиграме еден добар меч и да извојуваме победа“, рече на прес-конференцијата во пресрет на мечот тренерот на ЖРК Вардар Индира Кастратовиќ.
Констатцијата на тренерот ја дели и Барбара Лазовиќ, која в сабота првпат ќе игра против својот поранешен клуб. Лазовиќ и Андреа Пенезиќ во летниот преоден рок токму од Крим пристигнаа во Вардар.
„Не смееме да си дозволиме да одиграме уште еден натпревар каков што беше оној во Лајпциг, едноставно ние повеќе немаме право на грешка. Нормално е дека ќе одиме на победа, ќе се обидеме уште од првата минута на Крим да му покажеме кој е фаворит“, рече Лазовиќ.
Составот на Крим е далеку послаб во однос на изминатите неколку сезони, а главен збор во играта го имаат поранешната македонска репрезентативка Мирјета Бајрамовска и екс ракометарката на Вардар Алисон Пино.
„Не сметам дека е тоа некој голем хендикеп што Алисон го знае системот на нашата игра и ние знаеме како игра таа. Се подготвуваме и за неа но и за нашата Бајрамовска, тие две се клучните ракометарки на Крим. Ное се подготвувавме како да ги запреме Бајрамовска и Пино, да не им дозоволиме тие да ја диктираат игратата“, смета Кастратовиќ.
Натпреварот помеѓу ЖРК Вардар и Крим Меркатор, кој ќе се одигра во рамките на второто коло во Групата 1, ќе започне во 19 часот.
Табелата во Групата 1 ја предводи Будуќност со 9 бодови, Динамо Синара и лајпциг имаат по 6, Турингер е на четвртото место со 4 бода, а потоа следуваат Вардар со 3 и Крим со 2 бода.
„Макфакс“