Ракометарките на Вардар во полуфиналето на завршниот турнир во Лигата на шампионките ќе играат против екипата на Будуќност од Подгорица, ова е епилогот на жрепката која во вторникот се одржа во Будимпешта.


ЖРК Вардар и Будуќност и минатата сезона играа во истата оваа фаза на завршниот турнир, тогаш Црногорките изборија пласман во финалето каде загубија од Ѓер, додека вардарки го освоија третото место.

Оваа сезона ЖРК Вардар и Будуќност се сретнаа во првата фаза каде одиграа два меча, во Подгорица победи Будуќност со 23:17, додека во Скопје мечот заврши без победник 24:24.

Инаку Будуќност е без пораз оваа сезона во Лигата на шампионките со скор од 11 победи и еден нерешен резултат. Шампионките на Црна Гора на патот до завршниот турнир, во претходната рунда забележаа две победи на Виборг (28:22, 29:19).

ЖРК Вардар сезонава во елитната лига има скор од шест победи, четири порази и две нерешени средби, а во четврфиналето го елиминираа европскиот првак Ѓер (24:18, 27:27).

Втората полуфинална двојка ја формираа Ларвик и Динамо Синара.

Завршниот турнир во Лигата на шампионките ќе се одигра на 9. и 10. мај во Будимпешта.

„Макфакс“