Охридската компанија ЛТХ Леарница меѓу единаесетте компании од државава кои се закитија со признанијата „Македонски квалитет 2025“ доделени од Сојузот на Стопански комори на Македонија.

Станува збор за македонски компании кои даваат значаен придонес во развојот на националната економија и нејзина промоција на меѓународно ниво, кои континуирано демонстрираат високи стандарди во работењето, стабилен раст, иновативен пристап и доследна грижа за квалитетот на производите и услугите.

Процесот на селекција на добитниците, посочуваат од Сојузот, се темели на јасно утврдени критериуми, меѓу кои се: квалитет и сигурност на производите и услугите, финансиска стабилност, деловна етика, вложување во човечки ресурси, имплементација на современи стандарди и системи за управување, како и придонес кон локалната заедница и одржливиот развој.

Со тоа, потенцираат, признанието „Македонски квалитет“ претставува објективна и релевантна потврда за извонредност во работењето.

Компаниите кои ги наградуваме персонифицираат и демонстрираат зрелост и потенцијал кон македонското стопанство да креира оддржливи модели на раст, да генерира иновации и да одржува динамична, но стабилна бизнис клима, истакна преседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Во услови на динамични економски предизвици, глобална конкуренција и брзи технолошки промени, квалитетот останува клучна вредност и основа за долгорочен успех, рече претседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски.

Компаниите што денеска ги наградуваме се вистински примери за тоа како преку континуирано унапредување, иновации и вложување во човечкиот капитал може да се создаде додадена вредност и позитивно влијание врз општеството. Нивниот успех е доказ дека со визија, одговорност и истрајност може да се постигнат високи резултати. Тие се инспирација за целото стопанство и важен двигател на економскиот развој на Македонија, додаде.

Сојузот на стопански комори на Македонија, посочуваат, и во иднина ќе продолжи со активности насочени кон поддршка на компаниите, промоција на квалитетот како стратешка определба и создавање услови за зголемена конкурентност и извозна ориентација на македонското стопанство.

OhridNews