Македонија нема трета опција туку една и единствена опција, а тоа е партијата „Обединети за Македонија“, рече вчера во Охрид, нејзиниот лидер,  Љубе Бошкоски, како дел од говорот за промоција на партиската политичка платформа. Тој потенцираше дека на македонскиот народ,  повеќе не му требаат едни исти личности, кои повеќе од 20 години зборуваат за некакви криминали во македонската транзиција и приватизација.

-Доста ни е од прес конференциите кои секојдневно ги гледаме по  медиумите, на кои како на натпревар, се обвинуваат меѓу себе,  кој повеќе ја ограбил Македонија, -рече Бошковски. Тој објасни  дека нивната партија не може да соопшти дефинитивен и комплетен став за проблемот со името на државата, затоа што премиерот Никола Груевски, сеуште го немал јавно соопштено ставот на Владата,  во поглед на ова прашање.

На промоцијата на „Обединети за Македонија“, која се одржа во Центарот за култура „Григор Прличев“, присуствуваа голем број партиски членови и симпатизери од Охрид. 

„Обединети за Македонија“ беше основана на 29 мај 2009 година и според партиската програма, нејзини  основни начела на делување на македонската политичка сцена се залагање за демократски развој и социјален просперитет на Република Македонија, пазарно стопанство и приватна сопственост, како  темелни основи на економскиот систем, почитување на правата на етничките малцинства, зачленување на Македонија во ЕУ и НАТО и обезбедување на економска и социјална сигурност за сите граѓани.

OhridNews