Лидерот на табелата, Манчестер Сити го направи најголемиот чекор кон титулата во Премиер лигата после триумфот (2-1) над Манчестер Јунајтед на дербито на Олд Трафорд.
„Граѓаните“ до осмиот триумф на гостински терен во исто толку одиграни мечеви дојдоа благодарание на неспретниот напаѓач на „црвените ѓаволи“, Ромелу Лукаку кој кумуваше на двата погодоци.
Белгиецот при првиот погодок на Давид Силва иако корпулентен дозволи да биде надскокан во казнетиот простор и да дозволи чиста позиција за Шпанецот. Водечкиот погодок на Сити, Јунајтед преку Рашфорд бргу го анулираше и ги врати работите на сам почеток.
Но, Лукаку повторно погрешки, откако неспретно реагираше во својот шеснаесеттик и при остранување на опасноста погоди играч на Јунајтед, топката се врати до Отаменди кој по втор го натера Де Геа да капитулира.
До крајот Сити ја задржа минималната предност и се одлепи на 11 бодови од Манчестер Јунајтед на табелата, кој беше најсериозен ривал до сега во Премиер лигата.
OhridNews