Познатиот поранешен фудбалски интернационалец и репрезентативец Игор Митрески заплива во угостителските води. Тој во Охрид отвори луксузен ресторан на кејот „Македонија“. Името му е „Опера“, а кума е сопругата на Игор.


Игор Митрески

-После петнаесеттина години фудбалска кариера и завршувањето на мојот ангажман надвор од Македонија, мило ми е што сум повторно во Охрид каде дојдовме до идеја заедно со сопругата да отвориме ресторан. Охрид го познаваме добро, бидејќи тука живееме во летниот период, а отворањето на ресторанот дојде спонтано. Сопругата го уреди ентериерот, а јас повеќе се ангажирав во кујната, бидејќи тоа и ми е струка, завршив угостителско училиште пред да ја започнам професионалната фудбалска кариера. – вели Митрески.

Тој истакна дека ресторанот има добар тим и ќе понуди поинаков квалитет во угостителската понуда.

-Овој ресторан ќе понуди различна и разновидна храна која се надевам ќе им се допадне на гостите како од земјава, така и од странство. Размислуваме да работиме со ист ценовник преку цела година, па затоа и цените се креирани да бидат прифатливи за гостите. Пред се ќе нудиме врвен квалитет, повеќе Италијанска кујна, исто така и ќе биде застапена и Македонската кујна. Ќе нудиме риба и морски специјалитети подготвени со свежи намирници и маслиново масло, специјалитети од месо и како и свежи сезонски салати. Се надевам дека ќе ги задоволиме вкусовите на гостите и со тек на време „Опера“ ќе стане добар ресторан.– додаде Митрески.

Покрај внимателно уредениот ентериер и пријатниот амбиент, од ресторанот „Опера“ најавуваат и освежување на музичката понуда која ќе биде поразлична од стандардната која е застапена во моментов во Охрид. Митрески додава дека конкуренцијата која владее во угостителството во Охрид ќе биде дополнителен поттик за тимот на ресторанот „Опера“ да се наметне на пазарот со сопствениот квалитет, во што најголем адут ќе биде интернационалната кујна.

-Отвараме после новогодишните празници во малку специфичен момент, но намерно е така за да се подготви екипата за главната туристичка сезона. Ќе работиме согласно највисоките стандарди во кулинарството како ХАСАП, а посебен акцент ќе биде ставен на услугата и хигиената. Ќе имаме интернационална музика, поразлична од другите ресторани во градот. – рече Митрески.

Ресторанот „Опера“ се отвара вечерва со мала пригодна свеченост на која ќе присуствуваат блиски пријатели на семејството Митрески, меѓу кои има и многу познати личности, а од утре објектот ќе ги отвори вратите за сите гости.

OhridNews