Комисијата за верификација на фактите ги прогласи за соработници на тајните служби академик Томе Серафимовски и поранешниот началник на ДБК Слободан Богоевски. Како што пренесува Телма, на седницата се дискутирало и за досието на академик Божин Павловски, но одлучувањето било одложено.

Во знак на протест поради начинот како се спроведува лустрацијата академик Божин Павловски преку отворено писмо, адресирано до премиерот Никола Груевски, се откажа од членството во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и од Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ).

Павловски протестира поради тоа што се лустрираат починати лица и основачи на македонската култура и уметност. Тој му пишува на Груевски дека е згрозен прогонот на интелигенцијата која ги постави основите на современата македонска култура.

-Македонскиот закон за лустрација изгледа како копија на еден од првите закони што го изгласаа Црвените Кмери во Камбоџа, кој послушниците на Пол Пот го дообјаснија во весниците со кампањата наречена ‘Да се прочистиме’“, се наведува во писмото испратено до медиумите.

Академик Павловски вели дека во здрави општества закон „за прочистување“ задолжително се усвојува со консензус на власта и опозицијата заради поголема хигиена во државата. И за да не може опозицијата да донесе свој закон кога ќе ја освои власта.
Реваншизмот е крволочен процес во кој не страдаат само умоболни политичари, туку недолжните и немоќните, жените и децата“, пишува Павловски.

Тој додава дека и понатаму ќе ја пропагира македонската култура, но надвор од земјава.

„Но и сега, кога во знак на протест, излегувам од Академијата на науките по 25 години активно членување и од Друштвото на писателите по рамно 50 години, имам чувство дека во нашава средина постигнав добри резултати… Ве известувам дека во својата втора татковина на најубав начин ќе продолжам да си ја промовирам својата прва татковина“, пишува Павловски и му порачува на „екселенцијата Груевски“ дека ќе доаѓа во својата сакана Македонија и дека доколку се сретнат, тој ќе има насмевка на устата. Збогум, вели во своето писмо до Груевски академик, Павловски.

OhridNews
извор: „Телма“