Охриѓанката Маја Ангеловска стави точка на фудбалската кариера, но одлучи да остане во фудбалот откако заплива во судиските води во Словенија, каде што живее неколку години. Поранешната репрезентативка на Македонија успешно ги поминала тестовите, кои се неопходни за облекување на „црниот“ дрес, а го имала и дебито како фудбалски судија.

Поддршка и поттик за ваков чекор добив од Ива Пројкоска, нашата најдобра судијка со знакот на ФИФА. Кога размислував што и како понатаму во фудбалот, дојде разговорот со Пројкоска. Многу ми се допадна нејзината приказна и идеа и веднаш започнав со потребниот курс за фудбалски судија во Словенија. Положив во септември месец, а во октомври го имав официјално деби. Потоа судев на уште неколку мечеви, пред да биде прекинат шампионатот поради кризата предизвикана од коронавирусот. – изјави Ангеловска.

Охриѓанката една деценија во сите возрасни категории го носеше дресот на Македонија, а повеќе од богата кариера имаше на клупски план, играјќи за ЖФК Билјанини Извори, прилепска Победа, скопските екипи Наше Такси, Единство и Драгон, Кочани и струмичка Тиверија. Во странство настапуваше за Олимпија Љубљана и Крим Љубљана.

 

OhridNews