Вечер што долго ќе се памети приреди светскиот виртуоз на гитара Влатко Стефановски кој во рамки на 64. „Охридско лето“ одржа концерт по повод пет децении од неговата музичка кариера.

Сум пораснал во Охрид. Моите се занимаваа со уметност, беа луѓе од театар и секоја година бевме на „Охридско лето“, така што во некоја моја длабока потсвест е врежан овој фестивал и овој град. Не ми е првпат да настапам на фестивалот ама секогаш кога сум имал чест да настапам, се чувствувам малку посебно како и сега. Со големо задоволство јас, мојот бенд и моите соработници го одржавме концертот, вели Стефановски.

Имам пријатели од Загреб кои дојдоа да го гледаат концертот, фанови дојдени од Норвешка, верувале или не, со три-четири авиони се забрале и дошле да го гледаат овој концерт, така што имаме едно посебно чувство и некако малку поголема одговорност во однос на другите концерти што ги свириме по други фестивали. Чувствувавме потреба, ова да биде специјално, додава Стефановски.
Половина век на светската музичка сцена, не е малку, а според гитаристот Стефановски, кариерата се градела постепено и макотрпно.
Се разбира дека не беа веднаш освоени светските сцени, мораше прво да се освои семејството, да ти поверуваат во тоа што го работиш, потоа да ги убедиш училишните другари дека тоа што го правиш нешто вреди, па да го убедиш своето маало, својот град, својата држава, а светот останува да се освои малку подоцна, така што освоивме некои значајни сцени, не можам да се пожалам. Многу сум благодарен и на публиката и на соработниците и на Севишниот кој се уште како да ме чува и да ми дава сила и верба да продолжам понатаму, вели тој.
Како и секогаш и овојпат скромен, Стефановски вели за неговата кариера се заслужни сите.
Сите граделе по некое камче во тој мозаик наречен пет децении музичка кариера. Не можам да кажам дека сум само јас заслужен за сè. Имало и некои тивки соработници кои не се толку експонирани во јавност. Зборувам за тон мајстори, за дизајнери, за фотографи, сниматели, режисери, сите по нешто додале во мозаикот. Треба да е човек свесен и благодарен, раскажува Стефановски.

„Охридско лето“ со богатата традиција од 64 години ги достигнува светските врвови во уметноста но знае да ги вреднува и оние кои со своите дела испишуваат историја, раскажуваат приказна со универзален одглас. Огромна е честта од името на целиот тим на „Охридско лето“ да ја доделам плакетата во знак на благодарност за посебниот придонес, заложба и успешна соработка како и бројните настапи на сцената на „Охридско лето“ кои се дел од неговата 50-годишна успешна кариера, истакнува Поповиќ.

OhridNews












